Ќе има ли можност македонската спортска јавност да гледа меѓународен хокеј во Скопје наскоро? Наводно, се „крчка“ организација на два клупски турнира на лизгалиштето „Борис Трајковски“
Два меѓународни хокејарски турнира се планира да се одржат наскоро на лизгалиштето на СЦ „Борис Трајковски“, се неофицијални информации што ги добиваме од луѓе кои се занимаваат со овој спорт.
Првиот би требало да се одржи од 20 до 22 февруари, а вториот од 27 февруари до 1 март.
Целата работа се уште е неофицијална, а со поконкретни детали организаторот треба да излезе во јавност наскоро.
Наводно, се работи за клупски турнири со учесници од Кипар, Словенија, Бугарија и од Македонија.
Со години немало ваков турнир во Скопје и ако организаторот успее „да ги склопи коцките“, ќе биде тоа необична понуда за нашата спортска јавност.
Извор: Слободен печат

