Хокејарскиот клуб Скопје херд организира турнир: Канаѓани, Словенци, Македонци на ледот во „Борис Трајковски“

Skopje-herd-training-february-2026-practice-3

Новоформираниот клуб ХК Скопје Херд („стадо“), составен од домашни играчи, засилен со четворица Канаѓани и еден Словак, треба да настапи на турнир на лизгалиштето „Борис Трајковски“, на кој ќе учествува и словенечкиот тим Долењске Топлице, а поканет е и бугарски клуб. Турнирот стартува в петок во 21 часот

Новоформираниот клуб ХК Скопје херд, составен од домашни играчи, засилен со четворица Канаѓани и еден Словак, треба да настапи на турнир на лизгалиштето „Борис Трајковски“, на кој ќе учествува и словенечкиот тим Долењске Топлице, а поканет е и бугарски клуб за наредниот викенд. Турнирот стартува в петок (20 февруари) во 21 часот

Меѓународен хокејарски турнир треба да се одржи во Скопје в петок, сабота и недела, на лизгалиштето „Борис Трајковски“. Ќе учествува новоформираниот домашен хокејарски клуб Скопје херд, кој е организатор, а вториот сигурен учесник е словенечкиот клуб Долењске Топлице.

В петок мечот помеѓу домаќинот и Словенците почнува во 21 часот, а в сабота и в недела мечевите се во утринскиот термин од девет часот. По долга летаргија во хокејот во Македонија, се очекува овие активности да дадат нов поттик на овој спорт.

Информацијата ја добивме од македонскиот хокеар Ивица Тасков, кој е играч на Скопје херд, порано играл за Металург, а беше капитен на нашата репрезентација и има меѓународно искуство во грчки Ираклис.

Интересно е што во ХК Скопје херд, покрај основата на „ростерот“ што ја чинат десетмина домашни хокеари, ќе играат и четири засилувања од Канада, како и еден Словак. Тренерот е Американец.

Зад овој проект стои Канаѓанецот Коди Јанзен, кој има долгорочни планови со новоформираниот клуб, вели Тасков.

– Основата на Скопје херд ја чинат домашни играчи, но, имаме и странски засилувања, четворица Канаѓани и еден Словак. Веќе имавме заеднички тренинзи и очигледно е дека странските засилувања се исклучително квалитетни. Од Канаѓаните особено импресионира голманот. Но и останатите, како и Словакот, се со висок квалитет, каков што, искрено, не очекував. Треба да гледаме интересен турнир викендов – вели Тасков.

Всушност, според Тасков, ова е само почеток во плановите на Јанзен. Сличен турнир треба да се одржи и следниот викенд во Скопје, а една недела потоа Скопје Херд е поканет на турнир во Сараево, на кој ќе учествуваат клубови од регионов.

Како што ни кажа Тасков, долгорочните планови сврзани со Скопје Херд се идната сезона тој клуб да се натпреварува во лига-систем. Тоа би било реализирано преку учество во некоја од лигите во соседството. Веќе се направени контакти со некои од лигите во соседството и сигналите оттаму се позитивни. Времето ќе покаже колку и како плановите ќе бидат реализирани.

Извор: Слободен печат

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest
WhatsApp
Reddit
VK