Хокеј на мраз и на 56 години

gjorgi-grchev

Легендата на македонскиот хокеј, Ѓорѓи Грчев, се’ уште е активен во чешкиот тим Баса

Речиси целиот свој живот му го посвети на хокејот, неговата голема љубов. Иако има 56 години, Ѓорѓи Грчев, еден од најдобрите хокеари во Македонија се’ уште е активен, не само кај ветераните, туку игра за екипата Баса од чешкиот град Шумпери, во близина на Острава, која се натпреварува во Третата лига на Чешка. До минатата година играше и за грчкиот тим Тесалоники, кој се натпреваруваше во Првата лига во Бугарија и со овој клуб станаа дури и шампиони на оваа држава.

Ѓорѓи Грчев дојде во Скопје во 1972 година со своите браќа Васко и Блажо да му помогнат на хокејот во Скопје кој ги правеше своите први чекори по светското првенство во Ц група што се одржа во Скопје во 1969 година на новоизграденото лизгалиште во спортскиот центар Кале.

-Кога ме повикаа да дојдам во Скопје, не размислував многу. Моето семејство потекнува од Егејскиот дел на Македонија, иако живеев во тогашна Чехословачка, ме влечеше Македонија, тоа беше голем предизвик за мене, нешто непознато но, сепак, блиско. Заедно со мојот брат Васко останавме во Скопје, Блажо се врати. Игравме за Вардар кој се натпреваруваше во Првата лига на поранешна Југославија, подоцна и за Скопје Макотекс, се’ додека не згасна хокејот во Македонија, за голема жал бидејќи немаше разбирање да се развива повеќе овој атрактивен спорт. Ме радува иницијативата на Хокеарската федерација на Македонија да создадеме своја, македонска репрезентација, да играме во квалификациите за светското првенство, за олимписките игри во Сочи. Ништо не е невозможно, има волја и желба за тоа, разбирање. Верувам дека ќе помогне, не само Агенцијата за млади и спорт, туку и Владата. Трипати неделно одам и јас на тренинг на Кале, има многу млади кои се заинтересирани за хокејот, има и ветерани. Меѓутоа, хокејот е скап спорт, особено опремата, а без комплетна опрема, тешко ќе можеме нешто да постигнеме. Затоа и јас апелирам, до сите кои можат да ни помагаат финансиски да одделат малку средства за овој спорт, за кој верувам дека може да направи бум со оглед на големата заинтересираност кај младите. Ќе се формира и репрезентација во хокеј со ролерки, што е многу полесно бидејќи не требаат толку многу пари за опрема и лизгалиште. Веќе ми се јавија некои пријатели од Чешка, Македонци по потекло, сакаат да играат и да помогнат. Добро е тоа, ни рече во разговорот Ѓорги Грчев.

Пред десетина дена тој, како и секоја година, учествуваше на големиот меѓународен турнир на ветерани во Суботица на кој настапија по пет екипи од Србија и од Словенија, по една од Хрватска и Босна и Херцеговина.

-Играв за екипата Катрапс од Суботица која настапи со две екипи, Спартак и овој мој тим, кој кога ќе се прочитаат буквите од назад излегува дека и тој е Спартак. За него играм на овој традиционален турнир на ветерани веќе неколку години. На овој турнир годинава настапија и хокеари од 30 години па нагоре. Следниот турнир во ист состав е на 18 февруари во Нови Сад и на 5 април во Словенија, Ќе играат со мене уште неколку хокеари ветерани од Македонија.

Претседателот на Хокеарската федерација на Македонија Никола Тасев и новоформираниот стручен штаб очекуваат голема помош од Ѓорги Грчев, македонската хокеарска легенда, кој со своето богато искуство може навистина многу да помогне и во организација и во создавање на првата репрезентација на Македонија во хокеј на мраз.

Миодраг Мицковиќ (03.02.2011) (Photo 2019)

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest
WhatsApp
Reddit
VK