Македонските хокеари на свој трошок на првиот аматерски турнир во СофијаМакедонските хокеари разочарани од ситуацијата во поглед но хокеарскиот спорт во нашата земја, се одлучија сами да се пријават на првиот аматерски хокеј турнир во Бугарија во организација на клубот Ајс Девилс од Софија. И отпатуваа на сопствен трошок
Македонските хокеари разочарани од ситуацијата во поглед но хокеарскиот спорт во нашата земја, се одлучија сами да се пријават на првиот аматерски хокеј турнир во Бугарија во организација на клубот Ајс Девилс од Софија. И отпатуваа на сопствен трошок.
„Самите се си организираме, од превоз до сместување, видовме оглас и се пријавивме, едноставно ни се игра на вистински мраз и натпревари со реален натпреварувачки карактер. Цела година тренираме, но мраз и противник не видовме. Играчите самите ги сносат трошоците за овој турнир. Од играч имаме минимум 50 евра трошок, за жал не е секој во можност да плати за да игра хокеј, па така неколку од нашите таленти остануваат дома. Првиот аматерски турнир се одржува на лизгалиштето на клубот Славија од 1. до 3. март, на кој ќе се натпреваруваат пет екипи. Една од Полска, нашите „лавови“ и останатите од Бугарија, односно клубови од Софија. Лавовите в сабота во 12,15 часот го имат првиот натпревар против Динамо од Софија.
Во тимот на Лавови ќе настапат и наши пријатели, хокеари од Бугарија и од Турција“, вели за ЕКИПА, еден од најискусните хокеари, Зоранчо Гировски.
Кога сме кај возобновувањето на хокејот во Македонија, да кажеме дека оваа година иако беше најавено дека и лизгалиштето во СЦ „Борис Трајковски“ ќе добие природен мраз, а не синтетика, сепак, хокеарите останаа и без единственото лизгалиште со вистински мраз кое во текот на зимскиот период функционираше, она на Кале кое сега е преуредено во терен за футсал.
Минатата година нашиот единствен тим-репрезентација одигра неколку интернационални пилот натпревари со тимовите на Босна (БиХ), Ираклис (Грција) и неколку клубови од соседна Бугарија, кои за момент им ја вратија надежта на македонските вљубеници во овој спорт.