Хокеј на ролерки: Македонските хокеари со прва историска победа

Македонската хокеј инлајн репрезентација во петтите квалификации за СП, дојде до првата победа, откако во австриски Штајндорф беше совладана Бугарија со резултат од 11-5 во четвртини со (3-0, 4-3, 3-0, 1-2). Нашите репрезентативци одиграа одличен натпревар, доминирајќи од самиот почеток, па се до финишот на мечот, и на крајот славеа заслужено и повеќе од убедливо.

Избраниците на селекторот Јуре Внук добро го започнаа натпреварот, па така преку Димитри Прокудни во 4. минута поведовме со 1-0, а до крајот на воведната четвртина дадовме уште два гола преку контранапад за предност од 3-0. Фуриозната игра на „оклопниците“ продолжи и во втората четвртина, па така поведовме и со +5 (6-1), за да на полувреме заминеме со резултат од 7-2.

Стартот на второто полувреме повторно и припадна на Македонија, откако третата четвртина ја добивме со резултат од 3-0, за водство воочи последниот период од +7 (10-3). Последниот дел беше само рутина, па така на крајот славевме убедливо со резултат од 11-5.

Веќе утре Македонија го игра вториот дуел и тоа клучен за првото место во групата и шанса за место на СП во Братислава, против селекцијата на домаќинот Австрија. Групната фаза од квалификациите ќе ја заокружиме со мечот против Србија на 24 јуни.

Во продолжение погледнете ги сите погодоци од мечот кои беа дело на Прокудин (3), Кос (2), Стопар (2), Децковски, Симисич, Атанасов и Пејановиќ.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest
WhatsApp
Reddit
VK