Првиот неофицијален натпревар во хокеј на мраз е одигран во Скопје, во февруари 1962 година, во дворот на ОУ „Браќа Рибар“, денес „Димитар Миладинов“
Прочитај повеќе: Хокеј на мраз во училиштен дворЌе заживее ли повторно хокеј на мраз во Скопје. Ќе се вратат ли оние убави денови од осумдесеттите години кога Скопје-Макотекс играше во Првата лига на поранешна Југославија, кога младинците на Вардар во 1974 година на турнирот во Крањска Гора станаа вицешампиони на Југославија. Беа тоа златни денови на македонскиот хокеј кога на трибините на лизгалиштето на Кале имаше и по 4-5 илјади гледачи на натпреварите на Скопје-Макотекс. На истото лизгалиште многумина сигурно и не се сеќаваат мислиме на помладата генерација, дека 1969 година се одржа и Светското првенство во Ц група на кое играа репрезентациите на Јапонија, Швајцарија, Холандија, Данска, Бугарија и Унгарија.
Денес повторно една група ентузијасти, на чело со претседателот на Хокеарската федерација на Македонија Никола Тасев прави напори да се формира прва репрезентација на Македонија во хокеј на мраз која би учествувала во квалификациите за светското првенство, Олимписките игри, би се играло по турнирски систем и првенство на Македонија. Формиран е повторно хокеарски клуб Вардар, лизгалиштето на Кале одново заживеа, но се уште има големи проблеми сето тоа да се оствари со оглед на недостиг на опрема, финансиски средства за да се ангажираат играчи од странство, по потекло од Македонија. Но, како што тврдат од Федерацијата, првите чекори се веќе направени, се регистрирани пет клуба, интересирањето е големо кај младите и тоа дава надеж дека наскоро можеби ќе се вратат тие убави хокеарски времиња.
Можеби ова и беше причина да се потсетиме на тие први чекори што се правеа во Македонија, во Скопје кога во далечната 1959 година беше формиран прв хокеарски клуб во Скопје. Основачкото собрание се одржа на 3 февруари 1959 година во просториите на Сојузот на спортовите на Скопје кога беше избрана управа на новиот клуб ХК Скопје на чие чело беше и првиот претседател Киро Цветковски, а Панче Леов потпретседател. Екипата ја тренираа Трајко Трпчевски и Лазо Мусмановски, повратници од тогашна Чехословачка, инаку по потекло од Егејска Македонија.
Сигурно за многумина ќе биде изненадување ако напишеме дека тие први тренинзи, во Скопје тогаш немаше лизгалиште, се одржуваа на замрзнатото езерце во Градскиот парк, се додека беше студено и додека не попуштеше мразот на езерцето со првите пролетни денови. Немаше доволно опрема, стаповите беа заменувани со обични, рачно направени. Сите немаа ниту лизгалки, ги правеа од дебели жици, кои ги врзуваа на длабоките чевли за да можат да се лизгаат. Головите беа позајмувани од помошниот терен на Градскиот стадион, на кои тренираа играчите на Вардар играјќи мал фудбал. Во прво време се употребуваа разни гумени и цврсти предмети. Играле во џемпери, со волнени капи на глава.
Но, сепак, сето тоа беше интересно, на езерцето преку цел ден вриеше како во кошница. Меѓу првите хокеари беа Трајко и Томе Трпчевски, Мито Панзов, Стојче Костенчев, Петре Божаров, Лазо Мусмановски, Ѓорѓи Головски, Душко Самолов, Бошко Атанасов, Алексо Поповски, Никола Ставревски.
Сигурно дека во историјата на македонскиот хокеј на мраз ќе влезе и првиот пропаганден натпревар одржан на 1 март 1959 година покрај брегот на замрзнатото Мавровско Езеро. Дури имаше и околу 300 гледачи дојдени од Тетово, Гостивар, Дебар да го видат и тоа чудо – хокеј на замрзнатото езеро. Јасно, немаше мантинела, лизгалиштето беше обележано со црна боја, гледачите распоредени околу „теренот“ го враќаа пакот кај хокеарите, во игра. Според пишувањето на „Нова Македонија“ средбата завршила нерешено 9:9, играа хокеарите на Скопје поделени во две групи. На тој пропаганден меч на Мавровското Езеро настапиле: Душко Мијовски, Дупјачановски, Николовски, Петровски, Стоилковски, Митевски, Русев, Шалваринов, Коле Ставревски, Митко Динев, Лазо Шуманов, Максим Дукановски, Миле Чемков, Методија Рибаровски и Геле Ристанчев.
Веројатно постарите жители на Скопје се сеќаваат на оној за нив прв спектакуларен неофицијален меч во хокеј на мраз што се одигра на 16 февруари 1962 година во дворот на тогашното основно училиште „Браќа Рибар“, денес „Димитар Миладинов“. На кошаркарското игралиште, со бетонска подлога цела ноќ учесниците на овој натпревар го поливаа со вода, времето било мошне студено околу минус 10 степени така што бетонот бил покриен со дебела наслага на мраз. Теренот бил обележан, головите донесени од помошното игралиште на Вардар, поставени легнати клупи и маси околу теренот за да изигруваат „мантинела“ и средбата можела да се одигра, јасно меѓу хокеарите на Скопје во присуство на над, како што пишуваше во „Нова Македонија“ повеќе од 1.000 гледачи. Резултатот не е објавен. Но овој пат сите хокеари имале оригинални лизгалки, биле многу подобро опремени, бидејќи од белградски Партизан како помош била донирана извесна хокеарска опрема.
Се до изградбата на лизгалиштето на Кале хокеарите на Скопје подоцна на Вардар, тренираа каде ќе стигнеа, на езерцето во паркот, на Мавровското Езеро, на слободните површини во градот кои во зимско време беа замрзнати. Имаше и комични ситуации бидејќи често мразот на езерцето во паркот знаеше да попушти па имаше и непредвидени бањања, но сепак хокејот чекореше и се играше, каков таков, хокеарите на Скопје одеа со помошта на Сојузот на спортовите на Скопје да тренираат во Белград, на стадионот Ташмајдан, за првпат 1960 година настапија на првиот официјален турнир, некој вид квалификации за првенството на поранешна Југославија. Одиграа три меча, загубија катастрофално што е и разбирливо бидејќи играа на едно нормално лизгалиште, со манбтинела, под електрично осветление. Загубија од Авала (Белград) со 21:0, Загреб 17:3 и Целје 13:5.
За овие изминати 50 години од формирањето на првиот клуб во хокеј на мраз имаше и успеси и падови, настапи не само во Втората туку и во Првата лига на Југославија, за Скопје Макотекс играа дури и странски хокеари: голманот Андреј Хебар од Словенија, Шејбал, Мец и Миклошевич од тогашна Чехословачка. Петмина играчи од Скопје настапуваа и за Босна од Сараево: Страдал, Чупевски, Његач, Белов и В. Атанасовски, денес ветераните Ѓорѓи Грчев игра за екипата Баса од Чешка, Влатко Атанасов играше во четвртата лига на Франција. Од Македонија имаше и репрезентативци во поранешна Југославија: за Б селекцијата беше повикан голманот Сашко Чуповски, во младинската репрезентација играа Ѓорѓи Грчев и Влатко Атанасов.
Извор: Миодраг Мицковиќ